Пациентите со трансплантиран бубрег примаат редовна имуносупресивна терапија со цел да се задржи трансплантираниот орган. Лековите се подигаат со конзилијарно мислење издадено од три лекари специјалисти интернисти-нефролози од аптеките во Скопје и некои градови во Северна Македонија.
Снабдувањето со имуносупресивна терапија до сега се одвива непречено. Во моментот има само недостаток од таблетки Микофенолична киселина од еден од производителите. Формулација на Таблетки Микофенолична киселина од друг производител се достапни во аптеките.
Сите лекови за трансплантирани пациенти поминуваат преку редовните контроли на агенцијата за лекови МАЛМЕД со потребната комплетна документација за квалитет и нивна сигурност и ефикасност.
До сега несакан ефект од лек, алергистки реакции или некои други сериозни несакани ефекти не се пријавени од пациентите на Клиниката за нефрологија. Исто така, нема хоспитализирани пациенти со влошување на функцијата на трансплантираниот бубрег како резултат на терапијата која ја прима.