Рускиот претседател Владимир Путин непосредно откако во средата Борис Џонсон официјално стана нов британски премиер му честиташе на именувањето и му посака успех на новата должност, објави Кремљ, а честитки упати и германската канцеларка Ангела Меркел.
„На интересите на нашите држави и народи би им бил од полза развојот на односите во најразличните сфери“, се истакнува меѓу другото во честитката од рускиот претседател.
Односите меѓу Русија и Велика Британија се многу напнати поради повеќе меѓунардони прашања, а особено по случајот со труење на поранешниот двоен руско-британски шпион во Англија, за што Лондон ја обвинува Москва, којашто смета дека станува збор за фабрикуван скандал за да се оправда антируската политика на британската влада.
Честитајќи му на новиот британски премиер на именувањето, германската канцеларка изразува надеж дека двете земји ќе продолжат добро да соработуваа и оти ќе ги продлабочат меѓусебните врски.
„Врските на нашите две земји се квалификуваат со длабоко пријателство и блиско партнерство“, објави на Twitter Ангела Меркел, додавајќи дека двете земји се поврзани со меѓусебни врски меѓу луѓето и компаниите, како и со заедничкиот ангажман за праведен меѓународен поредок и заедничките европски вредности.