Заев: Законот за ЈО да не се условува со предвремени избори

Донесувањето на законот за Јавното обвинителство не треба да се условува со предвремени избори, изјави денеска премиерот Зоран Заев.

Многу предлози на опозицијата се прифатени, истакна Заев, додавајќи дека во Владата веќе се разгледува и Предлог-законот на ВМРО-ДПМНЕ.

Верувам, рече, дека сме многу блиску и треба да изнајдеме решение.

– Ние не сме за предвремени избори. Решение треба да се изнајде, но не со предвремени избори. Реков дека ќе дадам шанса на јавно помирување за да можат да работат работните групи, а тоа може да се случи уште оваа недела. Ова е период за разговори. Треба да се разговара. Треба да изнајдеме решение ако сме одговорни пред државата, истакна Заев на прес-конференција во Владата.

Би биле лаици и непатриоти, дополни, ако со предвремени избори ги уништиме актуелните економски бројки кои се со тенденција да растат.

-Прашајте го народот, коморите. Ако се за избори, ќе ја преиспитаме нашата одлука. Но, мислиме дека овој неповторлив период би биле лаици и непатриоти, ако го уништиме заради нашата желба да одиме на предрвемени избори, истакна Заев.

Прашан дали разговорите на работните групи продолжуваат попладнево, тој рече дека нема таква информација.

– Не сум информиран. Ако имаат средба, работните групи ќе соопштат како секогаш што прават. Очекувам да има работни стредби, а дека ќе има овде во Владата на кои јас ќе учествувам, можам дека ќе ви кажам не, зашто не сум информирам. Ако треба да учествувам, веројатно ќе знам, рече премиерот.

Повтори дека е добра основа предметите на СЈО да поминат кај државниот обвинител и потоа да се распределат, а државниот обвинител да го бира Советот на јавни обвинители.

– Не смееме да влијаеме на индината на процесите и на иднината на СЈО. За него ќе одлучуваат правници кои се обвинители, како и за предметите, а не политичари, порача Заев.

Тој не сакаше да одговори на новинарско прашање во врска со информациите дека Катица Јанева наводно побарала „форензичко бришење“ на податоците во СЈО и упати одговор на ова да се побара кај надлежните органи. И за случајот „Рекет“, упати на институциите, државното обвинителство, СЈО. Воедно ги охрабри институциите да продолжат со истрагата.

-Не се ни трудам да вртам телефони, да добивам инфорации. Се води истрага. Во делот на истрагата, политичарите треба да бидат надвор. Ние треба да овозможиме слобода на работењето, комплетна независност, фокус во борбата против криминалот и корупцијата. За форензиките навистина не знам, што е тоа форензичко бришење, кој и како бришел. Читав вчера низ медиумите, знам дека институциите ќе постапат како што треба. Но, едно знам, дека кога јас ги предадов материјалите, како комплет пакет, тие се во сеф. Тие материјали не може никој да ги избрише зашто се во сеф. Не треба јавноста да се плаши од таква работа, но дали нешто влијае врз истрагата или не, нека си одлучат обвинителите, нека си постапат. На Заев не му е местото таму да се меша, па дури и ако е тоа добронамерно, подвлече Заев и апелира истрагата побрзо да заврши.