Надал: Не сум опседнат со 20-те Гренд слем титули на Федерер

Шпанскиот тенисер Рафаел Надал го прокоментира бројот на Гренд-слем титули, кои ги има освоено. 33-годишниот Шпанец има 18 титули од „големата четворка“, од кои 12 се од „Ролан Гарос“. „Кралот на земја“ има само 2 големи трофеи помалку од носителот на рекордот – Роџер Федерер, кој утре полни 38 години, а неговите шанси да додаде повеќе титули во неговата огромна колекција ќе бидат намалени.

– Сите мислат дека е важно, но тоа е нешто со кое не сум опседнат. Јас сум среќен со тоа што го сторив досега. Секако, би сакал да имам повеќе, но да бидам искрен, не приоѓам на прашањето на овој начин. Ако тоа се случи – фантастично. Но, мојата гледна точка е ако продолжам да бидам конкурентен на најважните турнири, би можел да освојам уште 2-3, рече Надал, кој ќе се обиде да освои рекорден 35-ти Мастерс оваа недела во Монтреал.

Шпанецот моментално е број 1 во пласманот со 34, додека светскиот рекет број 1 Новак Ѓоковиќ (33) и Федерер (28) се втор и трет, соодветно, но Србинот и Швајцарецот ќе го пропуштат турнирот во Канада оваа година.