Јовески: Снимката објавена во италијанскиот весник не е од извор од Обвинителство

Видео снимката што денеска ја објави италијанскиот весник „Ла Верита“ во врска со предметот „Рекет“ не е излезена од Обвинителството, тврди државниот јавен обвинител Љубомир Јовески.

– Снимката објавена во италијанскиот весник не е од извор од Обвинителство, вели Јовески во изјава за „Независен весник“.

Од Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција кое го води предметот „Рекет“, пак, не прецизираат дали снимката им е позната и дали ја имаат како доказен материјал.

– Сите докази кои Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција ги поседува во предметот за кој покажувате интерес ќе ги презентира пред надлежен суд при евентуална судска постапка. Предметот е во фаза на истрага во која во континуитет се работи на обезбедување на сите докази, изјавија за МИА од Обвинителството.

Италијанскиот весник „Ла Верита“ денеска во онлајн изданието објави видео од средба на осомничените во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски (Боки 13) и Зоран Милески (Кичеец) со бизнисменот Јордан Камчев.

Во објавеното видео што било снимено во февруари годинава, како што наведува весникот, се гледаат спакувани евра со рачно испишани спецификации на листови хартија, а се слуша и разговор на Јовановски и Камчев за предмет на СЈО во кој ја спомнуваат и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.