ВМРО-ДПМНЕ реагира на Фејсбук статусот на премиерот Зоран Заев и оваа партија истакнува дека две ипол години Македонија тоне и дека македонската економија е оценета со нула од германските стопанственици.
Потоа од ВМРО-ДПМНЕ нагласуваат дека јавниот долг е зголемен повеќе од половина милијарда евра, а нема никаква инвестиција и дека нивото на капитални инвестиции во последните две години е најниско ниво од осамостојувањето до денес.
Стандардот на граѓаните е намален, а наместо раст и развој имаме рекет и криминал, велат од најголемата опозициска партија и доадаваат оти Македонија со Заев оди само надолу. Потребни се итни оставки и распишување предвремени парламентарни избори, а не празни флоскули.
Премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил објави дека во последниве две години во земјава има вкупно 49.552 нови вработувања.
Заев потенцира и дека не станува збор за ново-иселени лица, туку за нововработени граѓани во нашата земја.
„Според Државниот завод за статистика, во првиот квартал на 2019 година евидентирани се 789.414 вработени лица, додека во првиот квартал на 2017 година вкупно вработени биле 739.892 лица. Тоа не се ново-иселени лица, туку нововработени граѓани, тука, во нашата земја“, напиша Заев.