На аеродромот во Хонг Конг денеска дојде до судир меѓу демонстрантите и интервентната полиција, која околу 15 часот по средноевропско време влезе на терминалот, каде поради протестите е оневозможена работата на овој фрекфентен аеродром веќе два дена. Полицијата се повлече после 15 минути, откако стотици туристи и дел од демонстрантите истрчаа од излез на друг терминал.
Полицајците користеја бибер спреј во обид да ги растераат демонстрантите, кои го блокираа влезот на терминалот со колички за багаж.
Демонстрантите пак, фатија две лица под сомнение дека се тајни агенти. Со помош на возило на Брза помош осомничените агенти беа извадени од аеродромската зграда.
Во текот на денот, кус период се одвиваа летови, за потоа повторно да бидат откажани сите полетувања. Претседателката на извршната власт на Хонг Конг Кери лам предупреди дека демонстрантите ја свртеле ситуацијата на „пат без враќање“.
Европската унија ги повика „сите страни“ да покажат воздржаност, во услови на растечки тензии и немири во Хонг Конг.
– Со оглед на постојаните немири и зголемувањето на насилните инциденти во Хонг Конг, клучно е сите страни да покажат воздржаност, да отфрлат секаков вид насилство и да преземат итни чекори за деескалација на ситуација, изјави портпарол на ЕУ.
– Сега е поважно од кога и да било да се иницирао политички процес на широк и инклузивен дијалог, во кој ќе учествуваат сите клучни засегнати страни, порача претставникот на Унијата.
Демонстрантите, кои неколку дена го окупираат аеродромот во Хонг Конг, поради што од вчера откажани се сите летови од него. Голем број меѓународни патници се заглавени на аеродромот во Хонг Конг поради протестите.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека Кина ги придвижува трупите кон границата со Хонг Конг, каде веќе 10. недела се одвиваат антивладините протести, и каде денеска дојде судир меѓу полицијата и демонстрантите на меѓународниот аеродром.
„Нашата разузнавачка служба нè информираше дека кинеската влада ги придвижува трупите на границата со Хонг Конг. Секој треба да биде мирен и безбеден!“ порача Трамп на Твитер.
Официјален Пекинг соопшти дека војската и единици на разузнавачките служби почнале голема воена вежба, која не е поврзана со протестите, а се одржува во Шенжен, оддалечен 25 километри од Хонг Конг.
Претходно официјалниот весник на Комунистичката партија на Кина „Пипл дејли“ објави дека Народната вооружена полиција во Шенжен е подготвена да спречи „немири, вознемирување, големо насилство и злосторство и прашања на социјално обезбедување поврзано со тероризмот“.
Додека кинеското издание на „Глобал тајмс“ утрово објави дека „доколку демонстрантите во Хонг Конг не можат да го прочитаат сигналот за вооружената полиција која е во Шенжен, тогаш тие бараат самоуништување“.
Поранешната британска колонија Хонг Конг со месеци е зафатена со протести, првично насочени против предлог-законот за екстрадиција и гонење во Кина, за да прерасне во барања за поголема демократија. Од почетокот на протестните митинзи во јуни, полицијата уапси повеќе од 600 луѓе.