Американскиот претседател Доналд Трамп е заинтересиран да инвестира во нова недвижнина. Сака да ја купи данската автономна територија, Гренланд, пишува денеска „Волстрит журнал“. Иако со различен степен на сериозност, два извора за весникот потврдиле дека Трамп повеќепати се советувал со своите соработници – дали би било можно САД да го купат Гренланд поради неговите ресурси и геополитичката важност. За придобивките од купувањето на најголемиот остров во светот, американскиот претседател, побарал мислење и од раководството во Белата куќа.
Неговата заинтересираност за Гренланд, само неколку часа по објавувањето, наиде на лавина реакции од страна на данските политичари, кои силно ја исмејаа трамповата идеја за купување на островот. Сметаат дека доколку Трамп навистина рамислува за купување на Гренланд, тогаш тоа е дефинитивен доказ дека “навистина полудел“.
„Помислата Данска да продаде 50.000 граѓани на САД е целосно бесмислена.“ – вели Сорен Есперсен – портпарол за надворешни работи.
„Тоа мора да е првоаприлска шега. Комплетно вон сезона“, вели Ларс Лок Расмусен – поранешен премиер на Данска.
Истовремено, шефицата на дипломатијата на Гренланд, Ане Лоне Багер директно му порача на Трамп, дека не се за продажба.
-Отворени сме за работење, но не сме на продажба, наведе таа за британските медиуми.
Сепак, колку и да звучи неверојатно, „Волстрит журнал“, наведува дека купувањето на Гранланд не е фантазија, и дека на претстојната посета на Данска во септември, американскиот претседател ќе разговара за оваа бизнис зделка. Обидот на Трамп не е прв американски напор за купување на Гренланд, пред него тоа се обиде да го направи Хари Труман за 100 милиони долари во 1946 година, а во 1867 година и државниот секретар Вилијам Сивард.