Конте останува премиер на Италија

Италија се спаси од нови предвремени избори, кои би ја продлабочиле кризата. Опозициска Демократска партија, се согласи да формира коалициска влада со движењето Пет Ѕвезди. Претседателот на Демократската партија, Никола Цингарети на средбата со претседателот Серџо Матарела се согласил да го прифати кандидатот на Движењето, Џузепе Конте, за премиер. Поранешните „лути противници“ – Демократската партија и Движењето Пет ѕвезди започнаа преговори за формирање коалиција откако се распадна сојузот меѓу Движењето и „Лига“, предводена од Матео Салвини.

Му кажавме на претседателот дека постигнавме договор со ПД, кој ќе овозможи Конте да биде следниот премиер“, рече водачот на Пет ѕвезди, Луиџи ди Мајо, по средбата со италијанскиот претседател Серџо Матарела, која беше последната можност да се излезе од кризата, пренесува Би-би-си.

По состанокот со претседателот на Италија, претседателот на Демократската партија, Никола Цингарети, рече дека смета оти „вреди да го пробаме ова“.

Откако Конте ќе му предложи список на министри на претседателот Матарела, двата дома на италијанскиот парламент треба да гласаат за доверба во новата влада.

Планираната заедничка администрација ќе работи до следните закажани избори во 2023 година.

Со оваа коалиција, десничарската лига на Матео Салвини е оставена надвор од власта неколку години.

Се уште актуелниот министер Салвини, соопшти дека е изненаден од оваа одлука. Предупреди дека новата колација нема да владее вечно, бидејќи немаат што да и понудат на Италија, а единственото нешто што ги држаи заедно е омразта кон неговата партија Лига.