Околу 38 илјади прислушкувани разговори и СМС-пораки поврзани со случајот „Монструм“ сега се во рацете на судот. На денешното судско рочиште за случајот со петкратното убиство кај Смилковско Езеро, беше договорено дека од 5 септември во судница ќе почне објавувањето на овие „бомби”.
Обвинителката Фатиме Фетаи од Специјалното јавно обвинителство на едно од последните рочишта информираше дека по завршувањето на овој дел од постапката каде како дополнителни докази ќе бидат претставени нови вештачења од 31 телефон, судењето ќе предложи со изведување на аудио снимки и транскриптите од сите разговори поврзани со случајот, а доставени до СЈО во декември 2015 година од политичката партија СДСМ.
Денеска Фетаи потврди дека во судницата ќе бидат презентирани сите материјали кои до СЈО ги достави СДСМ, но обвинителството ќе ги презентираа и разговорите кои ѝ биле истраќани неа лично.
Судијата Огнен Ставрев на странките им предложи доколку сакаат неколку дена пред судењето да ги разгледаат транскриптите за да се подготвата за судењето.
Кај Смилковско Езеро на 12 април 2012 година, беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. По укинувањето на пресудите, случајот „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.