Кариерата на Влатко Стефановски ќе биде прикажана низ плакати и постери во рамките на фестивалот на музички документарни филмови Скопје синема сити, што ќе се отвори на 2 септември во Музеј на Град Скопје.
Ексклузивната изложба во Скопје насловена „Патешествие“ ќе даде увид во богатата кариера на македонскиот гитарски виртуоз низ неговиот концертен опус.
„Фестивалот на музички документарен филм ми изгледаше како интересна можност да споделам со јавноста дел од мојата стрпливо собирана и чувана архива на плакати за мои концерти и изданија. Се разбира, колекцијата е далеку поголема од она што ќе биде изложено, ама верувам дека и ова ќе предизвика интерес кај оние кои се подобро запознати со мојата работа. Тоа ќе биде вистинско шаренило од неколку децении музичка историја низфотографии и различни стилови и правци во графичкиот дизајн, сведоштво за некои други времиња“, изјави Стефановски.
Годинашното издание на фестивалот ќе стави акцент на гитаристи, па ќе можат да се погледнат документарци за Кит Ричардс, Роберт Џонсон, Ерик Клептон, Ник Дрејк и други.
Во пресрет на перформансот на Стефановски, на првата вечер во Кинотека, публиката ќе има можност да го види „Кит Ричардс: Под влијание“, филмот кој се обидува да фрли повеќе светлина на ликот и делото на човекот кого мнозина го сметаат за срцето и душата на РОЛИНГ СТОУНС, најголемиот и веројатно еден од најзначајните („најживите“) бендови во историјата на рокенролот. Еден од оние кој е синоним за постојаност и чија пројавност со „камењата“ или со неговите ВИНТИЏ ВАЈНОС, или можеби како гостин…, е неизмерно ценета кај безмалку сите значајни имиња од современата поп култура.
Жанровската одреденост на третата вечер на „Скопје синема сити“ публиката ја води кај уште две легенди. Овојпат на блузот и на блуз-рокот. Кај великани како Роберт Лирој Џонсон и Ерик Клептон. Ќе бидат прикажани „Во потрага по Роберт Џонсон“, документарецот снимен во 1991 во Велика Британија, каде домаќин е прочуениот музичар и продуцент Џон Хемонд, а режисер Крис Хант, и потем „Ништо друго освен блуз“, делото на големиот Мартин Скорсезе од 1995 година за музичкиот пат на Клептон каде овој, меѓу другото, посега по класичните песни на блуз класиците како Хаулин Вулф, Би Би Кинг, Мади Вотерс, Бади Гај, Фреди Кинг…