Полицајци и инспектори од Скопје, од албанска националност, велат дека се подготвени да влезат во Арачиново и Грчец за да ги разбијат „нарко бандите“ во двете села, но пречки им се блиските врски на локалните дилери со инспектори во МВР, објавува „Лајм“.
Според овие полицајци, македонските инспектори, како и високи функционери во МВР, не само што ги штитат нарко бандите, туку на нив им служат и како логистика.
Високи личности на Министерството за внатрешни работи, директори и инспектори на РАКОВОДНИ функции, се редовни гости на свадби и забави на дилерите на дрога, објавува „Лајм“.
Жителите на Арачиново и Грчец едвај чекаат полициска интервенција за да се спасат од „нарко босовите“, се вели во репортажа што ја подготвила албанската Државната телеграфска агенција (ASHT), за овие две скопски села. Тие се задоволни што полицијата презема бројни активности каде што ги апси дилерите во сите делови на Македонија, но се изненадени зошто тоа не е случај во нивните села, кои се познати како расадници на дилери.
„Во нашето село, дрога се одгледува на цели хектари. Мислите ли дека полицијата не го гледа ова?“, вели еден жител на селото Арачиново, кој смета дека новата градоначалничка е подготвена да ја поддржи полициската борба против криминалните структури.
Македонскиот новинар Зоран Божиновски, исто така, јавно во една прилика напиша дека дилерите од Арачиново го пијат утринско кафе со полициски инспектори во хотелот „Карпош“ во Скопје. Полицијата со свои методи им обезбедува на овие дилери статус на „албански патриот“, за да им го олеснат нивниот „бизнис“, но и да создадат имиџ пред меѓународната јавност дека албанскиот патриотизам и легитимните барања на Албанците во Македонија имаат криминално потекло.
Албанците дилери на наркотици во Македонија, не само од Арачиново и Грчец, туку и во другите делови на Западна Македонија, имаат постојана институционална поддршка, без разлика која македонска партија е на власт. Македонската држава ги поддржува овие банди главно преку албанската вазална партија, која е под нивна контрола, која де факто функционира како политичко крило на криминалните организации, вели Адмир Чили, експерт од Тирана за антикриминал и борба против корупцијата.
Подемот на криминалот со помош на полициските структури кај Албанците во Македонија неодамна започна да го вознемирува Брисел, каде министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се смета меѓу најуспешните министри на владата на премиерот Заев, но и за него има забелешки за толеранцијата што ја укажува неговата полицијата кон неколку албански банди со дрога и подземјето во скопскиот регион.
Но, бандите не губат време и не се секираат за она што го пишуваат медиумите, сè додека полицијата им спрема терен за непречена работа. Тие исто така го прошируваат своето влијание и во Албанија и во Косово. Во Албанија инвестираат во туристички ресори, додека пак во Косово во бензински пумпи. Освен во МВР, тие го зголемуваат своето влијание со унапредување на своите клиенти на високи позиции во обвинителството и судството, но и во политиката, заклучува Државната Телеграфска Агенција (ASHT).