Зоран Верушевски ќе се појави во судница

Во Основниот кривичен суд Скопје во понеделникот утрото почна ново рочиште за случајот „Таргет-Тврдина“ кој се однесува на масовното прислушување, а станува збор за прво рочиште за овој предмет откако редовното обвинителство ги презеде предметите од Соецијалното јавно обвинителство..

Како обвинител овластен од Љубомир Јовески се појави Артан Ајро, кој го водеше овој предмет и во СЈО, а по прекинот на мандатот таму беше вратен во ОЈО Скопје. Покрај него и сите обвинети, во судот како сведок денеска дојде и поранешниот разузнавач и актуелен советник на премиерот Зоран Заев, Зоран Верушевски.

Тој требаше да сведочи на претходното рочиште, но не се појави бидејќи судскиот доставувач не успеал да го пронајде за да му ја предаде поканата. Двајцата свиркачи од УБК, кои веќе сведочеа, Ѕвонко Костовски и Ѓорѓи Лазаревски, му ги доставувале бомбите на Верушевски кој, пак, ги предаде на тогаш опозициската СДСМ.

Во „Таргет-Тврдина“ првообвинет е поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, како и поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, шефот на кабинетот на Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.

Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.