Во Црна Гора најмногу инвестиции од Унгарија, Русија и БиХ

Вкупниот прилив на странски директни инвестиции во Црна Гора од почетокот на јануари до крајот на јули годинава достигна 448,2 милиони евра, додека во исто време се „одлеале“ 206,7 милиони евра, покажуваат првичните податоци на Централната банка на Црна Гора, објави „Дневне новине“.

Нето-приливот на странски директни инвестиции во првите седум месеци од оваа година изнесува 241,5 милиони евра, што претставува раст од 23 проценти во однос на истиот период лани.

Најголемата сума е инвестирана во таканаречениот меѓукомпаниски долг од 173 милиони евра, што претставува инвестиции што не го зголемуваат акционерскиот капитал. Вредностите на компаниите и банките се зголемени со странски инвестиции од 167,8 милиони евра, а нерезидентите инвестирале 94,3 милиони во недвижнини, додека другите инвестиции изнесувале 13 милиони евра.

ЦБМ ги следи инвеститорите од 40 земји чиј вкупен прилив во државата е 332,5 милиони евра, додека од други земји во светот има добиено 115,7 милиони евра, од кои половина се однесуваат на инвестиции во црногорски компании и банки.

Од почетокот на годината до крајот на јули, Унгарија беше прва на списокот на земји од каде се инвестираше во Црна Гора, со 51,7 милиони евра. На второ место се инвеститорите од Русија, со 41 милиони евра. Босна и Херцеговина се најде на третото место благодарение на 31,2 милиони евра инвестирани од нејзините граѓани.