„Стапката на употребата на модерна контрацепција во Македонија изнесува само 12,8 отсто и државава е во групата на земјите во Југоисточна Европа и европскиот регион со најниска стапка на употреба на контрацепција. Контрацепцијата треба да биде достапна за сите девојки и жени. Ставањето на модерната контрацепција на позитивната листа на лекови е дел од владината програма во областа на здравството до 2020 година и таа треба да се спроведе без никакво одложување, соопштија од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Од Асоцијацијата посочуваат дека сѐ уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивната листа на лекови, односно не е покриено со осигурувањето, не е обезбедена бесплатна контрацепција за сиромашните и ранливите групи жени, а во училиштата нема сеопфатно сексуално образование и со тоа државата го ограничува правото на младите да добијат точни и научни информации како да го заштитат сопственото здравје.
Иако 36,5 отсто од младите жени на возраст од 20 до 24 години имале потреба од контрацепција, не биле во можност да ја добијат. На глобално ниво, пристапот до модерната контрацепција ја намалува матерналната смртност за 25 отсто, и смртноста на новороденчиња за 20 отсто, а пристапот до контрацепција е обврска на државата за обезбедување основна здравствена заштита и благосотојба на своите граѓани, наведуваат од ХЕРА во соопштението, по повод 26 септември, Меѓународен ден на контрацепција.