Владата нуди за 10 отсто поголеми плати во образованието, неизвесно е дали ќе има штрајк

По средбата меѓу претставници од СОНК, министерот за образование Арбер Адеми и премиерот Зоран Заев, одлучено е платата на наставниците и на стручните соработници да се зголеми за дополнителни 10 отсто. Ова го потврди министерот Адеми по средбата.

Јаким Неделков, претседателот на СОНК, вели дека е задоволен од денешната средба, но дека може и за повеќе да се зголемат платите во образованието.

– По основ на понудениот предлог, советот на СОНК ќе мора да расправа. Тоа значи дека ќе ни требаат неколку денови за да одлучиме дали сме задоволни и дали ќе го прифатиме предлогот – вели Неделков.

Тој смета дека платата би требало да се зголеми за уште неколку проценти од понудените 10 отсто и дека на вработените е да бараат, а на Владата да одлучува дали ќе ги исполни нивните барања.

Дали ќе има генерален штрајк, вели дека сепак треба да се почека состанокот на советот на СОНК, а потоа ќе се дадат конкретни информации.