Дваесет и седумте земји членки на Европската унија во принцип го поддржуваат одложувањето на напуштањето на Обединетото Кралство, но и натаму дускутираат за траењето на одложувањето, рекол за AFP во средата вечерта европски извор по средбата на амбасадорите во Брисел.
Британскиот премиер Борис Џонсон минатата седмица со Брисел постигна договор за начинот на раздружувањето, но британскиот парламент не го ратификуваше и беше присилен според неодамна изгласаниот закон, и против неговата волја, да побара одложување на предвидениот датум на 31-ви октомври.
„Сите се согласија за одложување за да се избегне несредениот брегзит. За траењето на одложувањето и натаму се разговара“, додал соговорникот на агенцијата.
Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, во средата ги продолжи разговорите со шефовите на државите и владите на членките на ЕУ, додал изворот.
Во средата Туск им препорача на државите членки на ЕУ да го прифатат третото одложување, до 31-ви јануари, по гласањето на британските пратеници кои начелно го придатија договорот за брегзитот, но го отфрлија кусиот рок на британскиот премиер Борис Џонсон.
Ставот на амбасадорите беше едногласно за потребата од одложување, за да се надмине застојот во ситуацијата со Лондон, рекол еден од учесниците на средбата, кој исто така оценил дека дипломатите главно се наклонети на подолго одложување, до 31-ви јануари 2020 година.
Ниту еден друг датум не бил споменат, рекле неколку европски извори. Владата во Лондон тврдеше дека брзата процедура е потребна за да се задоволи рокот кој доаѓа следната седмица, но пратениците порачаа дека им е потребно повеќе време.
Одложувањето мора едногласно да го одобрат сите други 27 членки на ЕУ. Тие тоа веќе го сторија двапати, и во двата случаи со негодување на Франција којашто на крајот се согласи.