Централната изборна комисија на Косово (ЦИК) се очекува денеска, еден месец по гласањето на вонредните парламентарни избори, да ги објави конечните резултати, според кои се очекува досега опозициските Движење Самоопределување (ВВ) и Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) заедно да имаат мнозинство од 61 пратеник во 120-членото Собрание на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Весникот „Зери“ пишува дека, по вчерашното пребројување и на последните гласови од дијаспората, ВВ најверојатно ќе има 32, а ЛДК 29 пратеници. Овие две партии веднаш по објавувањето на првичните резултати од гласањето ги започнаа преговорите за формирање на новата Влада, која најверојатно ќе ја води лидерот на ВВ Албин Курти.
Досега владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) ќе има 25 пратеници, додека нејзиниот коалициски партнер, Алијансата за иднината на Косово (ААК), која настапи заедно со Социјалдемократската партија (ПСД) освои 14 места во новиот Парламент. Нивните партнери во власта, Социјалдемократската иницијатива (Нисма) и Алијансата ново Косово (АКР), заедно како коалиција освоија 4,98, односно не успеаја да го надминат прагот од пет отсто за влез во Собранието, тврди приштинскиот весник.
Според косовските закони, останатите 20 места места во Собранието се резервирани за претставниците на косовските Срби, во овој случај за Српската листа, која ќе има 10 пратеници откако победи убедливо во српските средини, како и за партиите на другите помали етнички заедници.