МРТ, „Арбериа“ и „Серка Тааххут“ за еден месец лапнаа 7,5 милиони евра од буџетот

Повеќе не е тајна кој колку троши пари од државата каса. На интернет страницата Отворени финансии, која од 5 ноември е достапна за сите граѓани во државата, може да се види колку и кому државните институции и министерства му дале пари. Следењето на трошоците од државниот буџет е за плаќањата што ги направиле министерствата, државните агенции, Владата, фондовите, судовите, обвинителствата и сите други државни институции на централно ниво, направени од 2010 година до сега. Ажурирањето на податоците ќе се прави два пати во текот на еден месец.

Во октомври годинава, според Отворени финансии, првите пет најголеми приматели на државни пари биле ЈП Македонска радиотелевизија, тетовската „Арбериа Десигн“ ДООЕЛ, турската компанија СЕРКА ТААХХУТ, Макпетрол и приватната здравствена установа Систина Нефроплус Кавадарци.

ЈП Македонска радиотелевизија добила само во октомври од буџетот 149.091.041 денар или околу 2,42 милиони евра. Овие пари во неколку исплати биле префрлени од Министерството за информатичко општество и администрација.

„Арбериа Десигн“ ДООЕЛ во октомври примила 1,43 милиони евра, од кои пари најголем дел се исплатени од Министерството за образование и наука, МОН.

Оваа тетовска фирма беше летоска поврзана со финансиски скандал, кога МОН во четири очи, без објавување на тендер, склучи два договора тешки околу 5,3 милиони евра со фирмите „Арс Ламина“ од Скопје и „Арбериа десигн“ од Тетово. Договорите се однесуваа на откуп на учебници за основно образование и дополнителен дидактички и работен материјал за адаптираните учебници од странство за учебната 2018/2019 година. Телевизија Алфа ексклузивно ги објави двата договора, првиот во вредност од околу три милиони евра со фирмата „Арс Ламина“ и вториот договор со вредност од околу 2,3 милиони евра, склучен со „Арбериа“. Според Бирото за јавна набавки, МОН ја бранеше оправданоста за склучувањето на договорите во четири очи, од технички или уметнички причини.

На третото место на Отворени финансии е турската компанија СЕРКА ТААХХУТ ИНШ.АН.ШИР, со својата подружница во Гевгелија, која зела 1,3 милиони евра од државата, преку Платежната агенција. Оваа турска фирма ја гради браната Конско, кај Гевгелија. Почеток на градбата на браната беше најавен лани во јули, од страна на премиерот Зоран Заев, а инвестицијата беше спомната како најголем инфраструктурен проект во регионот во изминативе 50 години. Вкупната инвестиција за Конско е над 2,4 милијарди денари (40 милиони евра), кои треба да се обезбедат од буџетот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, односно од Програмата за рурален развој.

Макпетрол, како чеврти рангиран на Отворени финансии, во октомври имал исплати од 1,3 милиони евра, додека ПЗУ Систина Нефроплус Кавадарци, Центар за дијализа е петта, и за своите услуги во октомври добила повеќе исплати од Фондот за здравство, во вредност од 1.16 милиони евра.