Во Ерменија најдена гробница на античка воинка, можна Амазонка од митовите

Анализите на коските пронајдени во северна Ерменија чијашто старост е повеќе од 2.600 години, покажала дека припаѓале на древна жена воин од античката држава Урарту, која веројатно загинала во битка и научниците сметаат дека ваквите воинки ги инспирирале античките грчки митови при созадавањето на претставата за Амазонките, се наведува во студијата на археолозите објавена во научносто списание International Journal of Osteoarchaeology.

Останките археолозите ги нашле во гробницата Бовет I во Лориската област во северна Ерменија уште во 2017 година. Според керамиката и украсите, научниците некрополата ја датираат во периодот од VIII до VI век пред нашата ера, кога на територијата на денешна Ерменија процут доживувало древното царство Урарту. Тоа водело активна освојувачка политика до крајот на VI век, кога државата била распарчена под налетите на Скитите, Кимерците и Мидијанците.

Истражувањето на скелетот покажало дека станува збор за жена на околу 20-годишна возраст. Украсите, пак, укажуваат за високиот статус на погребената. Подеталната анализа им овозможила на научниците да дојдат до уште еден важен заклучок: дека жената, судејќи според сѐ била и воин.

Структурата и оштетувањата на коските им укажуваат на научниците дека таа имала добро развиена мускулатура, како и дека веројатно античката воинка била стрелец и често јавала. Железниот врв од стрела, заглавен во левото колено на покојничката, посочува дека таа учествувала во битки. Сепак, таа рана заздравела многу пред смртта на античката воинка.

Нејзината смрт, според научниците, била предизвикана од други рани. Експерите на нејзините коски пронашле најмалку три сериозни повреди, веројатно нанесени од меч и секира. Археолозите претпоставуваат дека повеќе од едно лице ги нанело овие повреди, и заклучуваат дека жената најверојатно загинала во битка.

Ова не се првите останки од жена воин од древното царство Урарту, на кои наидуваат археолозите. Други историски извори, исто така, зборуваат дека во ова царство жените се бореле рамо до рамо со мажите. Оттаму, научниците претпоставуваат дека токму жителките на Урарту ги инспирирале древните грчки раскажували за создавање на сликата на Амазонките, воинствениот народ кој се состоел само од жени.