Во Србија има 2.756 заразени со ХИВ, 1.150 починале од почетокот на епидемијата

Во Србија во моментов има 2.756 лица заразени со ХИВ, а се проценува дека уште најмалку 400 луѓе не знаат дека се инфицирани со овој вирус, покажуваат официјалните податоци објавени во неделата.

Од почетокот на епидемијата во 1985 година во Србија се регистрирани 4.027 лица заразени со ХИВ вирусот, од кои 2.022 заболеле од СИДА, а 1.150 починале, објави Националниот институт за јавно здравје по повод Меѓународниот ден на борбата против ХИВ/СИДА.

„Како и претходните години и годинава доминантен е сексуалниот начин на зараза, во 89 отсто од сите случаи регистрирани во 2019 година, особено со незаштитени анални сексуални односи меѓу мажи“, се наведува во објавата на официјалната веб-страница на Институтот.

Меѓу новите случаи регистрирани од јануари до ноември 2019 година, осум пати се повеќе случаи меѓу мажите отколку кај жените, а најголем број од заразените е на возраст од 20 до 49 години, наведуваат српските здравствени власти.

Според меѓународните податоци кои ги наведува Институтот, кон крајот на 2018 година 79 отсто од 38-те милиони лица инфицирани со ХИВ во светот го знаеле својот статус, 62 отсто биле на лекување, а 53 отсто имале задоволителна вирусна супресија со редуциран ризик за пренесување на ХИВ-от на други лица.

ХИВ и натаму е доминантниот предизвик за јавното здравство ширум светот, а актуелните процени се дека од почетокот на епидемијата 75 милиони луѓе се инфицирани со виросот, додека 31 милиони починале од СИДА.