И името на министерот за здравство Венко Филипче се спомена денеска на рочиштето за предметот „Рекет“ против Бојан Јовановски Боки 13, Катица Јанева и Зоран Милевски Кичеец.
Министерот Филипче го спомена сведокот и жртва во случајот, бизнисменот Орце Камчев кој одговарајќи на прашања рече дека на еден од состаноците меѓу него и Јовановски присуствувал и министерот за здравство.
„Бев повикан на средба за да ми понудите одредена работа која јас ја одбив. Беше присутна жената која работи кај Бојан дома, Зоки Кичевскиот и министерот за здравство Венко Филипче“, рече Камчев одговарајќи на прашање од обвинетиот Јовановски.
По ова сведоштво на Камчев се отвори дилемата дали и министерот имал улога во рекетирањето и дали му помагал на Бојан Јовановски при извршувањето на кривичните дела.
Во изјава по сведочењето Камчев застана во одбрана на Филипче. Вели дека Филипче на тој состанок не барал ништо од него, а проектот што Јовановски го нудел бил одбиен и не се реализирал.
„Ако Венко Филипче барал нешто на тој состанок, да знаете, сигурно ќе беше пријавено. Јас и Венко Филипче сме долги години пријатели. Преку 20 години. Тој работеше во нашата болница одреден период. Тој ми беше пријател и ќе ми биде пријател. Бојан Јовановски имаше идеја да се прави некое јавно приватно партнерство за некоја болница. Ние му рековме дека тоа не држи вода иако тој може преку некои негови врски тоа да го излобира. И тоа беше тоа на состанокот“, тврдеше Камчев по сведочењето објаснувајќи ја улогата на министерот.
Инаку, името на министерот веќе се поврзува со аферата „Рекет 2“ во кој што, според досега неофицијални информации, вмешан е и директорот на Фондот за здравство Ден Дончев. Во овој случај се работи за вршеле притисок врз домашна компанија, злоупотребиле позиции и овластувања за одвраќање на светски здравствен гигант, шведската компанија да не инвестира во македонија.
За аферата е отворена истрага и од обвинителството за организиран криминал. Но, засега нема информации до каде е постапката.