Благодарејќи на првиот хет-трик во кариерта на ветеранот Хоакин, Бетис во натпреварот од 16-то коло од шпанското фудбалско првенство го совлада Атлетик Билбао со 3:2.
Хоакин за само дваесетина минута, во 2-та, 11-та и 20-та минута, им донесе водство на домашните од 3:0, а гостите успеаја опасно да се приближат со погодоците на Вилијамс во 44 минтуа од пенал, и на Јури во 75 минута.
Со својот прв „хет-трик“ во кариерата која инаку не се одвиваше како што ја предвидуваа, Хоакин со 38 години и 140 дена стана најстариот играч кој трипати ја тресел мрежата на натпревар во Ла Лига, и го собори рекордот на Алфредо Ди Стефано од 1964 година.
Бетис со новата победа дојде до 22 бодови со кои е на 11-то место на табелата, а Атлетик остана на 27 бодови на шестото место.
Претходно во неделата Вајадолид и Реал Сосиедад одиграа без голови. Вајадолид е 14-ти со 19 бодови, а Реал Сосиедад остана на високото четврто место со 27 бодови.
Хетафе со голот на Анхел во 67 минута дојде до гостинска победа кај Еибар, што му овозможи покрај поразот на Атлетик Билбао да дојде до петтото место со 27 бодови. Еибар е 16-ти со 15 бодови.