Отворена сензорна соба за децата со посебни потреби во Кочани

Во просториите на ОУ „Малина Попиванова“ во Кочани денеска беше отворена т.н. сензорна соба наменета за учениците со посебни потреби кои се школуваат во оваа образовна установа.

Преку пристапни и посебно прилагодени уреди во собата, на децата со пречки во развојот им се овозможува подобра социјализација и интеграција на корисниците во образовниот систем и во општеството.

Сензорната соба е изградена и опремена со поддршка од проектот „Здрави деца – сигурна иднина“, чија вредност е 28 илјади швајцарски франци, а преку Центарот за развој на Источниот плански регион се реализира во општините Кочани, Штип и Делчево.

– Покрај сензорните соби, во рамки на проектот, во текот на идната година ќе се реализираат серија обуки за воспитувачите во ова училиште, односно за наставниот кадар кој работи со учениците со посебни потреби во останатите основни и средни училишта. Освен тоа, со проектот „Инклузивен и рамномерен регионален развој“ ќе се реализира реконструкција на ски-лифтовите на Пониква, а ќе се организираат и форуми во заедницата на кои граѓаните ќе изберат приоритетни прашања за кои ќе се обезбеди грант од швајцарската влада, со кој ќе се финансираат по еден иновативен и инвестициски проект во регионот, истакна Александар Николов од Центарот за развој на Источниот плански регион.

Градоначалникот на Општина Кочани, Николчо Илијев нагласи дека отворањето на сензорната соба во ОУ „Малина Попиванова“ е продолжување на заложбите на локалната самоуправа за создавање подобри услови за инклузија на децата со атипичен развој.

За изградбата и опремувањето на сензорни соби во трите општини од Источниот плански регион е овозможена со средства од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за локална самоуправа.