Познатата македонска актерка, Силвија Стојановска, која вчера беше приведена на распит во скопскиот кривичен суд, а потоа и’ беше изречена мерката домашен притвор, под сомнение дека на одреден начин е вмешана во трговија со кокаин, била партнерка на истиот човек, кој пред неполни десет години, беше вмешан исто така во трговија со кокаин во случајот на скопјанката мадам Пепи.
Засега неофицијалните информации од судот велат дека актерката Стојановска и Воислав Будисављевиќ биле изнесени во 14.40 часот пред судија на претходна постапка во Основниот кривичниот суд и за нив се барала мерка притвор од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција. Судијата на претходна постапка Ненад Савески им одреди куќен притвор на осомничените.
Според сеуште официјално непотврдени информации, двајцата биле приведени во координирана истрага на три земји под сомневање за меѓународна трговија со дрога и незаконски меѓународни трансакции. Овој случај го води Обвинителство за организиран криминал и корупција, затоа што неофицијално се работи за организирана група, која ги вршела криминалните дејствија. Не се посочуваат детали во оваа фаза од постапката и затоа не се знае точната улога на актерката во истрагата. Сомненијата се дека Стојановска е дел од незаконски меѓународни трансакции на пари.
Во моментов никој од надлежните органи не сака да зборува и најавуваат информации во наредните денови.
Инаку, партнерот на македонската актерка и’ е добро познат на македонската јавност. Скопјанецот Воислав Будисављевиќ беше дел и од кривичниот прогон на Персида Момировска позната како Мадам Пепи, пред околу 10 години. Тој беше второбвинет во случајот на Момировска, но тогаш Будисављевиќ успеа да побегне, а Мадам Пепи беше осудена на петгодишна казна за шверц на кокаин и облека. По обжалувањето на пресудата, казната на Момировска и’ беше намалена на три и пол години затвор.
Македонската полиција потоа распиша меѓународна потерница по Будисављевиќ, за шверц на два килограми кокаин од Перу. Во 2009 година, тој заминал за Лима, Перу каде од непознат дилер ја купил дрогата. Преку Германија ја испратил за Скопје каде пристигнала како поштенска пратка за Мадам Пепи. На тој начин, полицијата го откри и шверцот на скапа брендирана гардероба, која Момировска ја продавала во стан во скопската населба Тафталиџе. Проценките на македонските власти тогаш беа дека вредноста на кокаинот е околу 200.000 евра.
На први октомври, 2014 година, со лет од Брисел белгиските власти го екстрадираа Воислав Будисављевиќ во Македонија на издржување на затворска казна од три и пол години. Случајот за кој бил осуден скопјанецот бил од 2009 година кога во Скопје извршил фалсификување на бугарска патна испрва и возачка дозвола, на тој начин што вметнал сопствена фотографија, со цел фалсификуваните документи да ги користи како оригинални.
Но, на оваа пресуда му бил додаден и случајот со трговија на кокаин во кој првоосомничена беше Момировска. Будисављевиќ бил уапсен од белгиската полиција на 11 септември, 2013 година, за извршени кривични дела на територијата на Белгија.