Србија е нашиот најголем економски партнер на Балканот, но потенцијалот за соработка се уште не е искористен. Соработката уште ја кочат бирократските процедури кои двете држави се надеваат дека ќе се надминат со интергиран граничен режим “One Stop Shop„ и иницијативата „Мал Шенген“. Максималното ниво на размена од 1,5 милијарди долари меѓу двете земји е реализирано во 2008 година, која според Стопанската комора на Македонија, нема да се повтори годинава.
„Македонија е еден од нашите најзначајни партнери, предноста е во компатибилноста на нашите економии која треба да се искористи за зголемување и проширување на соработката, истакна српската амбасадорка Душанка Дивјак – Томиќ, додавајќи дека регионот е се уште оптоварен со физички и ментални бариери кои мора да се отстранат зарани негов развој, но и за забрзување на евроинтеграцискиот процес.
Според неа, идејата не е „мини шенгенот“ да биде само за три земји. Веќе и Црна Гора се приклучува кон концептот, се очекува тоа да се случи и со БиХ и со Косово, а во Тирана е договорено воспоставување на заеднички пазар на труд кој треба да придонесе за задржување на младите и проток на работна сила од една во друга земја во регионот.
Дивјак – Томиќ истакна и дека веќе е потпишана спогодба за граничниот премин Лојане – Миратовац иако засега од него нема некоја економска исплатливост. Флуктуацијата е мала, но институциите, сепак, излегле во пресрет на барањата на локалните жители. Се размислува, рече амбасадорката, овој премин да се развие како резервен, посебно за т.н. шпиц сезона, но тоа ќе зависи од инфраструктурата во која треба многу да се вложи.
Живко Мукаетов генерален директор на „Алкалоид„ кој е еден од најголемите македонски инвеститори во Србија и кој на српскиот пазар е присутен 50 години, а во последните десет години има инвестирано повеќе од 10 милиони евра упати апел до македонските компании да инвестираат во Србија.
Србија е најголем трговски партнер на Македонија на Балканот и четврти во светски рамки. Размената била најголема во 2008 година, кога достигнала 1,5 милијарди долари. Потоа следувал период на драстично опаѓање од 74 отсто поради економската криза, но трендот повторно бележи зголемување. Годинава бројката од 1,5 милијарди нема да се достигне, иако размената веќе изнесува околу 1,1 милијарда долари, вклучувајќи ги и услугите.