Заев се сомнева дека предлогот на Мицкоски за министер за внатрешни работи не е по законот

Премиерот Зоран Заев по средбата со челникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во саботата во Владата рече за новинарите дека разговарале за две теми, односно за кандидатите за техничката влада на предлог на најголемата опозициска партија, како и за предложените измени на Изборниот законик во делот на изборниот модел.

Имињата на предлозите за останатите министерства, како што посочи Заев, ќе бидат соопштени во понеделник, по координацијата со Мицкоски.

„Со оглед на тоа дека Мицкоски не го кажа името за предлогот за министер за внатрешни работи, јас само ќе кажам дека станува збор за воено лице и оттука има дилема дали Уставот тоа го дозволува, законот за служба во Армијата и законот за министерство за внатрешни работи. Ќе ја консултираме владината стручна
експертиза. Уставот јасно определува дека со одбраната и со полицијата раководи цивилно лице најмалку три години“, рече Заев и додаде дека немаат никакви предрасуди но Уставот и законите треба да важат за државата.

Премиерот Заев кажа дека за останатите министри единствено што барале е да не бидат лица против кои е покренато обвинение од кое било обвинителство.

Премиерот во заминување рече и дека во текот на разговорите за втората тема со опозицискиот челник зборувале за промените на изборниот модел.

„За една изборна единица зборувавме во вториот дел. Отворените листи да важат на наредните локални избори. Од опозицијата рекоа дека се подготвени да разговараат веднаш по изборите за ова прашање“, рече Заев.