Трамп го предупредил Ердоган дека странските фактори ја усложнуваат ситуацијата во Либија

Американскиот претседател Доналд Трамп му кажал на турскиот колега по должност Реџеп Тајип Ердоган во телефонскиот разговор во четвртокот дека надворешните протагонисти ја компликуваат ситуацијата во Либија, а двајцата челници се солгасиле дека е потребно да се намалат тензиите во Сирија, соопшти Белата куќа.

„Американскиот претседател денеска оствари (телефонски) разговор со турскиот претседател. Челниците разговараа за билатералните и регионалните прашања. Претседателот Трамп рече дека странската интервенција ја усложнува ситуацијата во Либија“, се наведува во писмената изјава на заменикот портпарол на Белата куќа, Хоган Гитли.

Притоа не е јасно на кои земји или ентитети се алудира, а во соопштението на Белата куќа не се наведуваат поединости, освен што се додава дека „челниците се согласија дека е потребо да се деескалира ситуацијата во Идлиб, во Сирија, за да се заштитат цивилите“.

Претходно во четвртокот турскиот парламент го усвои предлог-законот за испраќање трупи во Либија, откако меѓународно признатата влда во Триполи го побарала тоа од Анкара.

Иако испраќањето на турски војници во Либија нема наскоро да се случи, а според локалните медиуми таму веќе се испратени борци на сириската вооружена опозиција кои се сојузници на Анкара, Ердоган рече дека турската војска ќе ја поддржи Владата на националното единство (GNA) водена од Фајез Сараџ, која е загрозена од офанзивата на Либиската национална армија (LNA) водена од маршалот Калифа Хафтар која ја поддржува владата вчие седиште е во источниот град Тобрук.

Кабинетот на турскиот претседател помалку од еден час по усвојувањето на законот во парламентот соопшти дека Ердоган ја разгледал со американскиот претседател  Трамп ситуацијата во Либија во телефонски разговор. Трамп и Ердоган „ја истакнаа важноста на дипломатијата во решавање на регионалните прашања“, се наведува во соопштението и се додава дека, исто така, разговарале за ситуацијата во Сирија.