Мандатарот за состав на шпанската влада, Педро Санчез, најверојатно ќе добие доволна поддршка во парламентот за формирање на неговата левичарска коалициска влада, откако во четвртокот Каталонската републиканса левица (ERC), партија која застапува отцепување на Каталонија од Шпшанија, соопшти дека ќе ја поддржи таквата влада.
Шпанската социјалистичка работничка партија (PSOE), на премиерот Педро Санчез, освои најмногу гласови на изборите во ноември, но недоволно за самостојно да формира влада. Социјалистите добија 120 мандати во 350-члениот парламент, што е далеку од неопходните 176 гласа за изгласување влада. Потоа ја договорија колаициската влада со левичарската групација Заедно можеме (Unidas Podemos), но ниту со тоа не може да дојде до потребниот број гласови.
Санчез, кој е против референдум за независност на Каталонија повикувајќи се на уставот на Шпанија, последните денови водеше интензивни преговори со Каталонската републиканска левица (ERC). Оваа сепаратистичка партија во четвертокот одржа интерно гласање и одлучи дека ќе се воздржи од гласањето за владата, со што ќе овозможи изгласување на владата на Санчез, барем во второто гласање кога се потребни само повеќе гласови „за“ отколку „против“.
Првиот круг од гласањето за владата ќе се одржи во недела на 5-ти јануари, и сосема е веројатно дека Санчез тогаш нема да има поддршка од 176 пратеници. Но два дена подоцна, на 7-ми јануари, ќе биде одржан вториот круг, кога се потребни само повеќе гласови „за“ отколку „против“, без оглед на тоа колку пратеници гласале. Со воздржувањето на ERC од гласањето, се чини дека речиси е сигурно дека Санчез ќе обезбеди повеќе гласови „за“.
Засега не се познати поединостите од договорот меѓу шпанските социјалисти и каталонската левица.
Десната опозиција го обвини Санчез за предавство по договорот со најголемата партија којашто го заговара отцепувањето на Каталонија. Нејзиниот лидер, Ориол Жунекрас, поранешен потпретседател на каталонската влада, е во затвор откако во октомври беше осуден на 13 години затвор поради организрањето на референдумот за независност кој го забрани Уставниот суд во Мадрид, во октомври 2017 година, како и за подоцнежното прогласување на Република Каталонија.