Пред објавувањето на номинациите за Оскар на 13 јануари во Лос Анџелес, документарецот „Медена земја“ од денеска, па до 15 јануари повторно ќе се прикажува во скопското кино Милениум. Проекцијата е од 20 часот, а билетот чини 150 денари.
„Медена земја“ на режисерите Тамара Котевска и Љубомир Стефанов е во потесниот избор за номинација за Оскар во две категории: за најдобар документарец и за најдобар странски филм.
Филмот од 13 до 18 јануари ќе игра и во Кинотеката, со по две проекции на ден, од 18 и од 20 часот. Влезницата чини 100 денари.
„Пред дождот“ на Милчо Манчевски е единствениот македонски филм кој добил номинација за Оскар, во 1995 година.
На 12 јануари во Лос Анџелес ќе бидат објавени добитниците на престижната американска награда Независен дух, предвесник на Оскарите, каде што „Медена земја“ е номиниран за најдобар документарец заедно со „Американска фабрика“, „Аполо 11“, „За Сама“ и „Островот на гладни духови“.
Котевска и Стефанов се номинирани за наjдобра режија од Друштвото на режисери во Америка (ДГА). Изминативе неколку денови филмот ја доби наградата за најдобар документарец на Националното друштво на филмски критичари и на Друштвото на филмски критичари во Њујорк, а кинематограферите Самир Љума и Фејми Даут ја добија наградата Филмско око за исклучителни достигнувања во кинематографијата.