Најмалку тројца мртви на прославата за победата на Асад

Најмалку три лица загинале синоќа во Дамаск на прославата за победата на старо-новиот претседател Башар ал Асад. Во текот на прославата повредени се и десетина луѓе.

На изборите Асад освоил 88,7 отсто од гласовите, а неговите противкандидати, Хасан ал Нури и Махир ал Хаџар освоиле по 4,3, односно 3,2 отсто, соопштил претседателот на парламентот Мухамед ал Леман.

„И честитам на Сирија што го избра својот водач кој ќе се грижи за безбедноста и стабилноста на државата“, рече Леман.

Изборите се одржаа во вторникот, а беа спроведени само на 40 отсто од територијата, која е под контрола на владиниот режим, како и во дијаспората.