Пет земји бараат обештетување од Иран за соборениот украински авион

Канада, Авганистан, Велика Британија, Шведска и Украина бараат од Иран обештетување за уривањето на украинскиот патнички авион крај Техеран на 8-ми јануари, соопшто во четвртокот канадскиот министер за надворешни работи, Франсоа-Филип Шампањ, по состанокот на претставниците на споменатите земји во Лондон.

„Треба да се спроведе транспарентна, целосна и независна меѓународна истрага. Иран мора да ја признае целосната одговорноста за соборениот авион и да ги признае своите обврски кон семејствата на жртвите (во трагедијата), вклучително и (исплата) на обештетувањето“, изјави Шампањ.

Зборувајќи за механизмот за пресметка на компензацијата која треба да биде исплатена на семејствата на жртвите, канадскиот дипломат изрази надеж дека тоа ќе биде направено навремено и во согласност со меѓународните прописи.

„Како засегнати земји, очекуваме дека надоместокот на семејствата на жртвите ќе им биде исплатен во согласност со меѓународното законодавство и навреме. Затоа побаравме од владата на Иран меѓународни експерти да бидат вклучени во сите фази од истрагата, за засегнатите земји, семејствата на жртвите и меѓународната заедница да ги добијат одговорите кои ги засклужуваат, како и виновниците да бидат казнети“, појасни Шампањ.

Претставниците на петте држави кои учествувале на денешниот состанок во Лондон, исто така, ја поздравиле подготвеноста за соработка којашто ја покажал Иран до овој момент.

„Ова е добар прв чекор“, рече шефот на канадската дипломатија, зборувајќи за признавањето на Техеран на сопствената одговорност, обезбедувањето на конзуларниот пристап, почеткот на истрагата и идентификацијата на жртвите.

Според Шампањ, следниот чекор мора да биде учеството на техеранските власти во „сеопфатна, транспарентна, меѓународна истрага“ за околностите на трагедијата. „Целиот свет чека одговори, и нема да се смириме додека не ги добиеме“, додаде канадскиот министер.

Претходно канадското министерство за надворешни работи објави дека Канада, Авганистан, Велика Британија, Шведска и Украина, формирале специјална група којашто оперативно и брзо ќе им ги пренесува на роднините на жртвите сите информации од истрагата за причината за трагедијата и притоа ќе ја понудат неопходната помош.

Украинскиот авион беше соборен во средата, неколку часа по иранското рекетирање на две воени бази во Ирак кои ги користат американските сили, што претставуваше одмазда за убиството на најмоќниот ирански генерал Касим Сулејмани. Во несреќата загинаа 176 патници и членови на екипажот, повеќето државјани на Иран или Канаѓани со иранско потекло. Во авионот имало 82 Иранци, 63 Канаѓани, 11 Украинци од кои девет членови на екипажот, десет Швеѓани, четворица Авганистанци, и по тројца Германци и Британци. Од Техеран полетал во 6,10 часот по локално време кон Киев, а неколку минути подоцна исчезнал од радарите уривајќи се недалеку од иранската престолнина.