ММФ со препорака до Грција да продолжи со реформите

Меѓународниот монетарен фонд денеска ќе го објави својот најнов извештај за состојбите во Грција, кој ќе ја содржи петтата оценка за спроведувањето на програмата за финансиска консолидација на земјата, објави МИА.

Како што јави Радио Атина, во Извештајот ММФ ќе препорача Грција да продолжи со структурните реформи, чие спроведување е услов за исплатата на финансиската помош од Фондот и ЕУ.

Првиот човек на Еврогрупата, Јерун Дејселблум вчера оцени дека грчката економија се развива добро, но дека долгот на државата е и натаму висок и дека можеби ќе биде потребен нов спасувачки пакет.

Оценката на Дејселблум дојде два дена, откако германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле изјави дека е можно Грција да побара нов спасувачки пакет од околу десет милијарди евра. На Грција досега ѝ беше одобрена помош од 240 милијарди евра.

„Колку пари  се потребни на Грција и на какво ниво ќе биде новата финансиска помош ќе се реши по летото“ – изјави Дејселблум.

Тој додаде дека државниот долг на Грција е висок и доколку каматата за негово исплаќање не се намали, тогаш ќе биде потребна нова помош.