Пентагон потврди за 34 настрадани војници на САД во иранското ракетирање во Ирак

Триесет и четири американски војници се здобиле со разни степени на контузии како последица на ракетниот напад кој Иран го изведе на 8-ми јануари врз две воена бази во Ирак во кои се распоредени трупите на САД, потврди во петокот на брифингот за новинарите, портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман.

„Вкупно кај 34 војници беше дијагностицирана контузија. Осум војници, кои претходно беа испратени во Германија, се вратени во САД каде ќе продолжат да добиваат помош. Девет војници се транспортирани во Германија и таму сѐ уште се врши процена на нивната здравствена состојба. Еден војник, кој беше испратен во Кувајт, се врати во Ирак“, изјавил Хофман.

Додал дека челникот на Пентагон, Марк Еспер, веќе ја добил анализата на системот за собирање на информации за настраданите американски војници во Ирак. Хофман појаснил дека понекогаш процените на војската за настраданите се разликуваат од заклучоците на лекарите, како и дека состојбата на повредено лице може да се промени со текот на времето.

Со тоа портпаролот на Пентагон го објаснува всушност претходното признание на американското министерство за одбрана од 17-ти јануари, кога беше порврдено дека 11 американски војници биле повредени во иранскиот ракетен напад изведен девет дена претходно.

Иран ноќта кон 8-ми јануари изведе напад врз ирачките бази во кои се сместени американски војници, во Аин ал-Асад и во Ербил, врз кои беа истрелани 22 балистички ракети. Иранските и ирачки медиуми тврдат дека во одмазничките напади биле убиени 80 лица, додека САД ги негираат овие тврдења, а претседателот Доналд Трамп изјави дека „сѐ е во ред“ по ракетирањата.

Првите информации за настрадани американски војници ги објави изданието Defense One, повикувајќи се на воени извори во самите САД. Тогаш беше објавено и дека повредите се состоеле од потреси на мозокот, а војниците потоа биле евакуирани во болници во Кувајт и во Германија.

Во текот на нападот, во бункери биле евакуирани повеќето од 1.500 американски војници во базата Аин ал-Асад.

Според последователните извештаи американската војска призна дека во иранскиот ракетен напад била нанесена значителна материјална штета, иако првично тоа го негираше, како и дека не настрадал ниеден војник. Американскиот претседател Доналд Трамп, исто така, по нападот рече дека „ниту еден Американец не е повреден“.

Меѓутоа Пентгон претходно објави дека во „деновите по нападот, како мерки на предострожност, некои војници се префрлени од воздухопловната база Аин ал-Асад“. „Тогаш осум војници се префрлени во Ландштил (американска воена болница во Германија), а тројца се префрлени во Кемп Арифџан (воена база во Кувајт)“.