Спасовски порача Законот за одбрана да се гласа пред распуштање на Парламентот

Премиерот Оливер Спасовски денеска ја повика опозициската ВМРО-ДПМНЕ да покаже минимум политичка коректност кон граѓаните и да гласа за Законот за одбрана пред распуштањето на Парламентот на 12 февруари.

-Законот за одбрана, кој е во собраниска процедура, покажува дека партиските интереси се во прв план пред се од ВМРО-ДПМНЕ. Досега не слушнав ниту еден аргумент зошто законот за одбрана не треба да биде донесен. Нема никакви амандмани освен името на Армијата. Очекувам дека разумот мора да надвладее. Интересот на граѓаните се гледа токму во вакви моменти кога се остварува вековен сон на оваа држава и на граѓаните на Република Северна Македонија да постои барем минимум политичка коректност и да се поддржи и законот за одбрана и да биде донесен пред распуштањето на Парламентот, рече Спасовски на прес-конференција во Владата одговарајќи на новинарско прашање.

Техничкиот премиер го изрази, како што кажа, своето задоволство затоа што сме на прагот на членството во НАТО.

– Сакам да го изразам моето задоволство затоа што конечно веќе сме на прагот да го официјализираме нашето членство во НАТО и сигурно дека Република Северна Македонија некаде во март ќе стане членка на Алијансата и би се исполнил еден од националните интереси. На тој начин сите овие години на напорно работење конечно граѓаните ќе можат да го живеат тој сон да се гарантира безбедноста и стабилноста на државата, а преку безбедноста и стабилноста на државата да се отворат и други перспективи затоа што мирот, безбедноста и стабилноста се основа на се и на развојот на економијата и на стопанството… Но би направиле и чекор напред кон стабилноста и безбедноста на регионот, рече Спасовски.