Трипуновски во Кочани вети загарантиран откуп и пласман на оризот

Дополнителниот заменик министер во МЗШВ, Цветан Трипуновски го посети Кочани и го обиколи градскиот пазар, јавува Радиокочани.мк. Разговараше со земјоделците што продаваат свои производи. Рече дека оризопроизводителите му се пожалиле на ниските откупни цени, немањето пласман, на опасноста во која се наоѓаат да останат без наводнување, затоа што акумулационото езеро „Калиманци“ е речи си празно.

Одговарајќи на новинарско прашање што оризопроизводителите можат да очекуваат од ВМРО – ДПМНЕ доколку таа партија дојде на власт, дополнителниот заменик министер, Трипуновски рече:
„Ќе понудиме цел сет на мерки што ќе значат олеснително производство од една страна и од друга страна загарантиран откуп и пласман на кочанскиот ориз. Сега, не би ги откривал сите поединости, но ќе бидат опфатени препаратите за заштита, наводнувањето, пласманот, мерки за откупните компании…значи, сет на мерки кои ќе значат сигурен пласман на оризот од Кочани и Кочанско, кој е е бренд не само кај нас туку и ндвор од границите. Накратко – кочанскиот ориз ќе биде под силна поткрепа и заштита на идната влада што ќе ја имаме после 12 април“.
Дополнителниот заменик министер, Цветан Трипуновски, освен Кочани, посети и неколку помали места во микро-регионот при што разговараше со луѓето за проблемите со кои се среќаваат работејќи земјоделие.

Фото: Радиокочани.мк