„Слободољубецот“ Заев стана правдоубиец и џелат на медиумите

Со експресната пресуда со која главниот и одговорен уредник на порталот Инфомакс, истражувачкиот новинар Александар Митовски е осуден на условна шестмесечна казна, владејачката СДСМ само потврди дека медиумските слободи и независноста на правосудството биле само флоскули во огромно количество користени во настојувањата да се дојде до власт. И, уште пострашно откако Зоран Заев откри дека знае дека се водат истраги за некои медиуми, укажува на тоа дека овие сфери ги узурпирал и инструментализирал со цел да се остане на власт.

„Не ја прифаќаме, не ја прифаќаме на Алфа телевизија, бидејќи вие ќе видите зошто. Јас сум слободољубец, јас сум човек кој верува во вредности, но и сум човек кој го слуша народот, веројатно има причина што вака реагираат. Не знам зошто, проверете зошто. Еве луѓето викаат не, јас не ја прифаќам поканата“, рече во четвртокот Заев одговарајќи на новинарско прашање зошто не ја прифаќа поканата на споменатата телевизија за телевизиско соочување со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Заев притоа порача и дека не му се допаѓала уредувачката политика на ТВ Алфа, дури и спомена некаква истрага против телевизијата. А, прашан за каква истрага станува збор, се поправи дека не станувало збор за истрага, туку дека мислел на контрола од Финансовата полиција.

Прашањето што се поставува по ваквите навестувања од страна на Заев е од каде тој знае за истраги против медиуми, доколку тој самиот не е нивен нарачател.

Но, овој напад кон Алфа не беше единствен инцидент на СДСМ поврзан со медиумите. Непосредно пред настапот на Заев, физички беше нападната екипата на порталот Инфомакс, на која не ѝ беше дозволено да влезе во прес центарот на СДСМ. А, тие се продолжение на претходните напади и пресметки на СДСМ со цел на Заев да ги замолчи критичките медиуми пред изборите на 12-ти април. Неодамна, пак, една поранешна новинарка, во улога на портпаролка на социјалдемократите, обвини неколку медиуми за ширење ткн „лажни вести“, без конркетно да посочи кои се тие и притоа и самата ширејќи лажна вест повикувајќи се на странски медиум за наводна истрага во која се по споменуваат и македонски портали.

На овој „јуриш“ на СДСМ против медиумите кои критички ја опсервираат работата на власта, претходно веќе неколку години се врши „тивок“ притисок, врз порталите како НетПрес, Курир, Република… Со барања од обвинителството да се предадат изворите на информациите непријатни за Заев и неговата политичка братија, со испраќање полиција во редакциите итн.

Каква порака испраќа Заев со пресудата за Митовски

Така „хибридниот режим“ на владата на Зоран Заев, според оцената на британскиот неделник „Економист“, со оваа пресуда и однесувањето на споменатиот ѝ нанесува нова „црна дамка“ на земјата, уште повеќе засилувајќи го впечатокот дека власта на СДСМ се претвора во режим имајќи ги предвид емитуваните аудио-снимки на кои поранешниот премиер и партиски лидер недвосмислено кажува дека имал влијание во правосидните истанци во случајот „Рекет“, токму оној криминален случај за кој е осуден Митовски.

Прашање е, исто така, како по обвинението поднесено од страна на обвинителот, за наводно сторено кривично дело „Оддавање на службена тајна“, член 360, став 1 од Кривичниот Законик“, Митовски експресно осуден. Станува збор за кривично дело од глава 13-та „Кривични дела против службената должност“ од Кривичниот Законик на Република Македонија. Со овој вид, инаку, се штити неприкосновеноста на постапувањето на државните службеници и се дава заштита на довербата за правилното исполнување на службените должности. Поконкретно, објект на инкриминацијата на самото дело е сигурноста и доверливоста на податоците што претставуваат службена тајна, што е непосреден интерес за законито извршување на јавните функции и должности. Но, Митовски не е државен службеник и се повикува на фрагмент од исказ во случај во кој има јавен интерес.

Правниот експерт Александар Даштевски нагласува дека пресудата за Митовски е спротивна на меѓународното право и на декларациите кои Македонија ги прифатила и се обврзала да ги почитува. Според него, станува збор УДЧП,тоа Член 19 – „Секој има право на слобода на мислење и изразување, што го опфаќа и правото да не биде вознемируван за своето мислење, како и правото да бара, прима и шири информации и идеи со било кои средства и без оглед на границите, како и за Член 10 – „Слобода на изразување“ – 1. Секој човек има право на слобода на изразувањето. Ова право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите. Овој член не ги спречува државите, на претпријатијата за радио, филм и телевизија да им наметнуваат режим на дозволи за работа.

Ден по пресудата за Митовски, по реакциите на дел од еснафот, медиумите и опозицијата, рагираа и од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ), според коишто изрекувањето затворски казни за новинари може да доведе до појава на нарушување на слободата на информирање и изразуваат загриженост во врска со шестмесечната условна затворска казна за главниот и одговорен уредник на „Инфомакс“ поради оддавање службена тајна.

„Изрекувањето затворски казни за новинари кои информираат за теми од висок јавен интерес може да доведе до појава на автоцензура, а со тоа и до нарушување на слободата на информирање, слободата на изразување, но и на поширокиот јавен интерес. Агенцијата потсетува дека една од суштинските задачи на медиумите е токму јавниот надзор над работата на политичките и јавните органи преку кој се гарантира нивната одговорност и транспарентност. Истовремено, потсетуваме дека медиумите при вршењето на својата работа мора да ги почитуваат професионалните и етичките новинарски стандарди“, стои во реакцијата.

Пораката којашто се испраќа со оваа пресуда е многу јасна: избран е модус кој треба да послужи како предупредување за секое истражување и медиумски интерес за случаите на криминалите на актуелната власт.