САД, Велика Британија, Франција и Германија го повикаа режимот на Асад да го запре насилството во Сирија

На деветгодишнината од почетокот на граѓанската војна во Сирија, САД, Велика Британија, Франција и Германија го повикуваат режимот на Асад да ги запре насилствата во регионот.

Пред девет години Сиријците излегоа на мирни протести со повик почитување на човековите права и крај на корупцијата на власта, и наместо да ги прифати легитимните барања на народот, режимот на Асад одговори со насилство, соопштија во заедничка изјава владите на овие земји, учеснички во Глоболната коалиција за пораз на Исламската држава и ослободување на Сирија.

-Со суровата кампања на селективни апсења, задржувања, тортура и киднапирања со помош на воена сила, режимот е одговорен за раселување на 11 милиони луѓе, или речиси половина од предвоената популација на Сирија, и за убиство на 500 илјади Сиријци, се вели во соопштението објавено синоќа.

Се додава дека режимот на Асад мора да го прифати барањето на сирискиот народ кој бара и заслужува да живее во мир и без постојано гранатирање, напади со хемиско оружје, касетни бомби, воздушни удари, селективно апсења, мачења и изгладнување.

Владите истакнуваат дека сите оние одоворни за извршените злосторства, како воени и злосторства против човештвото, и други насилства и прекршоци, ќе бидат пронајдени и изнесени пред лицето на правдата.

Владите се задоволни од акциите на Глобалната коалиција и Сириските демократски сили на Сирија за ослободување на територијата претходно заземена од Исламската држава.

-Сепак, заканата оостанува. Одлучни сме во задничките напори со Коалицијата за конечен пораз на Исламската држава. Се бориме одлучно против тероризмот и сме први на борбената линија, изјавија западните држави.

Се истакнува дека военото решение кое сирискиот режим се надева да го постигне со помош на Русија и Иран нема да донесе мир. Тие повторно ја истакнуваат поддршката за процесот во ОН преку резолуцијата 2254 на Советот за безбедност на ОН за остварување на мир и стабилност во Сирија.

-Ние, Франција, Германија, Велика Британија и САД бараме режимот на Асад да ги запре убиствата и да се ангажира во сите аспекти од резолуцијата 2254, вклучувајќи прекин на огнот во целата земја, уставни реформи, ослободување на селективно задржаните лица, како и слободни и фер избори, се вели во соопштението.

Се додава дека на сите сириски граѓани, вклучуваји ги и раселените лица и бегалците треба да им се дозволи да учествуваат во слободни и фер избори под мониторинг на ОН.