И покрај апелите, вели Димитров, државава за помалку од 24 часа ја напуштиле 1.331 граѓанин

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, доцна синоќа на својот Фејсбук профил објави дека и покрај апелите да не се патува, од завчера до вчера утро, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1.331.

– Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот, напиша Димитров на Фејсбук.

Потсети дека државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа.

– Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска … Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави, напиша Димитров.

Шефот на дипломатијата подвлекува дека „во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале“.

– Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација. Драги граѓани, повторувам: Не патувајте!, апелира Димитров на својот профил на Фејсбук.