Мицкоски бара од власта прифаќање на мерките предложени од опозицијата против коронавирусот

Независно што јас ги предлагам овие мерки, само прифатете ги што побрзо, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам, таква слава не ми треба, гласи пораката на лиидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, содржана во отвореното писмо до власта за „будење на свеста и подадена рака, заедничкиот непријател кој мора да го победиме е пандемијата која одзема животи“.

„Сакам нешто да истакнам до Заев и Спасовски, независно што јас и ВМРО-ДПМНЕ ги предлагаме овие мерки, прифатете ги што побрзо, прифатете ги за доброто на државата и сите наши граѓани. Прифатете ги, а јас ќе се откажам од сите политички ловорики кои вам ќе ви ги отстапам. Мене таква слава не ми треба, само прифатете ги и дејствувајте итно. На граѓаните и Македонија и треба помош и лидерство, напиша тој.

Мицкоски порачува дека тој ќе продолжам да се бори со предлози и активности кои ќе значат помош за граѓаните и економијата.

„А тоа го може и секој еден од вас кои ќе го прочитате ова писмо, едноставно е, да се однесуваме одговорно и совесно и останете дома, така ќе се заштитите себе си, но и другите. Што се однесува до економијата купувајте македонски производи и сигурно ќе спасите некое работно место, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.