НБМ: Добивката од 2019-та да се користи за зголемување на капиталот

Централната банка смета дека банките уште отсега треба да се подготвуваат да бидат и во иднина столбот кој ќе помогне во заздравување на македонската економија, по кризата со коронавирусот .

Поради тоа, од Народната банка на Македонија укажуваат дека добивката остварен во текот на изминатата 2019 година, треба да биде насочена кон зајакнување на капиталот на банките.

„Во рамки на интензивната комуникација со банките во овој период во врска со нивната подготвеност за справувањето со потенцијалните негативни последици од вирусот Ковид-19, Народната банка им укажа дека очекува како и досега, тие да покажат високо ниво на прудентност, вклучително и при носењето на одлуките за распределба на добивката остварена минатата година“, велат од НБМ.

Притоа, како што се нагласува, надзорните и управните одбори на банките веќе биле известени дека како надлежен регулаторен и супервизорски орган НБМ очекува добивката остварена во измината година да се стави во функција на натамошно зголемување на капиталот и финансискиот потенцијал на банките и над минималните законски и супервизорски барања, односно за градење дополнителен простор над нив.

„Како што им е укажано, банките треба да се подготвени да обезбедат поддршка на редовното работење на граѓаните и фирмите кои се нивни клиенти, задоволување на квалитетната кредитна побарувачка, при истовремено покривање на евентуалните кредитни загуби како последица на ефектите на вирусот Ковид-19 врз домаќинствата и правните лица“, додават од НБМ.

Како што нагласуваат од централната банка, високото ниво на прудентност при носењето на одлуките за распределба на добивката ќе придонесе за натамошно успешно одржување на сигурноста и стабилноста на банкарскиот сектор, а со тоа и за одржување на финансиската стабилност.

Минатата 2019 година банките во Македонија, и покрај тоа што имаа за 21,5 милиони евра помала добивка од претходната и рекордна 2018 година, сепак работеа успешно. Тоа го покажува и профитот од околу 114 милиони евра на ниво на целиот банкарски сектор. Најголемиот дел од добивките и минатата година го остварија големите банки, нешто над 113 милиони евра. Успешни беа и малите банки кои имаа профит од 2,2 милиони евра, додека пак, средните по големина банки на крајот на годината беа во негатива од 1,2 милиони евра, покажуваат податоците на НБМ.