Трамп ги предупреди Хари и Меган дека самите треба да го плаќаат своето обезбедување

Американскиот претседател Доналд Трамп рече во неделата дека британскиот принц Хари и неговата сопруга американката актерка Меган Маркл мора самите да го платат своето обезбедување доколку се преселат во САД.

„Прво беше кажано дека Хари и Меган, кои го напуштија Кралството, ќе имаат постојан престој во Канада. Сега ја напуштаат Канада и се селат во Соединетите држави, но САД нема да плаќаат за нивното обезбедување. Тие мора самите да плаќаат“, напиша американскиот претседател на Twitter.

Трамп јасно порачува дека е „голем пријател и дека се восхитува на кралицата и Обединетото Кралство“.

Триесет и петгодишниот Хари и 38-годишната Маркл отпатувале од Ванкувер во Лос Анџелес, објави списанието People повикувајќи се на анонимен извор.

Во напис во британскиот весник The Daily Mail претходно оваа седмица беше наведено дека двојката, којашто се откажа од кралските обврски, би можела да бара американската влада да го гарантиран нивното физичко обезбедување во САД.

Подоцна нивната портпаролка објави дека Хари и Меган не планираат да бараат од американската влада помош за покривање на трошоците за нивното обезбедување.

Меган Маркл пораснала во близина на Лос Анџелес, каде што нејзината мајка Дориа сѐ уште живее. Канада минатиот месец соопшти дека двојката повеќе нема да има осигурана заштита во земајта, откако престанаа да бидат членови на кралското семејство.