Гренланд го забрани конзумирањето алкохол во главниот град Нуук и блиските населби, во обид да го намали насилството врз децата во време додека луѓето мораат да останат во своите домови за да се запре ширењето на коронавирусот.
-Под влијание на алкохолот луѓето се и невнимателни, што придонесува за ширењето на коронавирусот, појасни премиерот Ким Киелсен.
Забранета е сета продажба на алкохолни пијалоци во Нуук и две населби во негова близина, а одлуката стапува во сила веднаш и ќе има важност до 15 април, соопшти владата, пренесе Хина, повикувајќи се на ДПА.
Појаснувајќи го потегот премиерот Ким Киелсен кажа дека кризата околу ширењето на коронавирусот бара најразлични мерки.
-Но, во суштината на мојата одлука е заштитата на децата. Тие мораат да имаат сигурен дом, рече Киелсен.
Гренланд бележи висока стапка на сексуално насилство врз малолетниците , а некои истражувања покажуваат дека третина од денешните возрасни лица на островот го имале таквото искуство во детеството.
Многумина сексуалното насилство врз децата го поврзуваат, меѓу другото, и со алкохолот и дрогата.
Гренланд е автономна територија на Данска и е најголем остров на светот. Во него живеат околу 55.000 лица, а третина од нив се во главниот град Нуук.