Иако во НБА лигата не е одигран ниеден натпревар од 11-ти септември, кога беше објавено дека францускиот ценатар на Јута Џез, Руди Гобер, е позитивен на коронавирусот, на сите играчи во најдобрата кошаркарка лига на светот ќе им бидат исплатени полни плати на 15-ти април, кога на сметките на поголемиот дел од играчите им се уплаќа следната рата од договорот, објавија американските медиуми.
Според првичниот распоред, на 15-ти април требаше да заврши основниот дел од сезоната, но поради појавата на коронавирусот меѓу играчите во НБА беа одложени последните 259 натпревари.
Комесарот на НБА лигата, Адам Силвер, изјави на почетокот од седмицата дека одлуката за тоа што ќе се случува со сезоната нема да биде донесена пред мај. Засега ниеден меч не е откажан, а 18-ти април е датумот кога во нормални околности требаше да започне плеј-офот. Доколку биде скратен или откажан остатокот од сезоната, загубите во лигата ќе се сметаат во стотици милиони долари.
На повеќето играчи ратите од договорите им се исплаќаат на 1-ви и на 15-ти во месецот. Така, веќе на 1-ви мај НБА кошаркарите би можеле да добијат намалени плати, бидејќи во колективниот договр постои клаузула за тоа „во случај на непредвидливи околности“, меѓу кои спаѓа и пандемијата. Според колективниот договор, играчите би можеле да загубат по 1,08 отсто до своите годинишни плати за секој неодигран натпревар.