Во нормални околности саботава ќе беше посебен ден за Баските и нивните два омилени фудбалски клуба – Алтетик Билбао и Реал Сосеидад, кои на стадионот „Ла Картуха“ во Севиља требаше да го одиграат финалниот меч од шпанскиот Куп на кралот првпат по 110 години во ова натпреварување, но поради пандемијата на коронавирусот големиот дуел е откажан.
Сепак, тоа не ги попречи навивачите на двата клуба, во Билбао и во Сан Себастијан, да ја искажат својата приврзеност и поддршка на своите екипи на начин на кој во ситуација на потполна изолација можат – со излегување на балконите и терасите од своите домови, истакнувајќи ги своите навивачки реквизити и пеејќи ги навивачките песни.
Повеќе од 50.000 навивачи требаше во саботата да бидат во Севилја и да ја следат пресметката меѓу двата баскиски клуба за трофејот, но ќе мора да почекаат за тоа додека ситуацијата со ширењето на коронавирусот не биде ставено под контрола во Шпанија која брои до саботата над 20.000 починати.
Преку интернет навивачите на двата клуба ја започнаа кампањата „Да го донесеме финалето на балконите“ и се договорија дека по веќе секојдневниот вообичаен аплауз за медицинскиот персонал во 20 часот, да ги испеат клупските химни. Двата клуба учествуваа во продукцијата на заедничкото видео во чиј фокус е актуелната борба против пандемијата и желбата ова историско финале еден ден, кога за тоа ќе се создадат услови, сепак да се одигра.
„Кога и да се случи, тоа ќе биде големо финале“, порача напаѓачот на Атлетик, Ариц Адуриз во кусиот филм кој двата клуба го објавија на социјалните мрежи.
„Не е важно кои се вашите бои, ова е финале за сите нас. Сите ќе бидеме победници“, порачува играчот на Реал Сосиедад, Асиер Иљараменди.
Шпанскиот фудбалски сојуз оваа седмица ја објави одлуката дека доколку биде откажано финалето, двата клуба ќе го стекнат правото за настап во Лига Европа за следната сезона.