Европјаните ќе најдат „паметни решенија“ кои ќе им овозможат да одат на годишен одмор и покрај пандемијата на коронавирусот, изјави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
– Мислам дека ќе најдеме паметни решенија за летните одмори. Можеби малку поразлично, со други хигиенски мерки и со малку повеќе физичка дистанца, но ќе биде импресивно да се види дека ќе најдеме решение, изјави Фон дер Лајен во интервју за весникот „Експресо“.
Таа оцени дека е добро што земјите од ЕУ почнуваат да ги укинуваат рестриктивните мерки, но предупреди дека владите мора да постапуваат внимателно, „чекор по чекор и секогаш со претпазливост“.
– Тешко е да се предвиди како ќе биде следниот месец, но гледам дека почнуваме да учиме да живееме со вирусот, рече Фон дер Лајен, додавајќи дека е импресионирана од решенијата за продолжување на работата на неколку економски сектори.
Во однос на одговорот на ЕУ на пандемијата, Фон дер Лајен призна дека имало „критични моменти“ на почетокот на кризата, но додаде дека „по неколку дена земјите сфатиле дека не можат сами да управуваат со неа“, по што координацијата се подобрила.