Поради мерките за ограничување француската економија загуби 120 милијарди евра

Осумте недели на мерки на ограничување поради коронавирусот ќе предизвикаат загуби од 120 милијарди евра за француската економија, додека „присилната заштеда“ е 55 милијарди евра, јави дописникот на МИА од Париз.

Овие предвидувања ги даде француската опсерваторија за економска коњуктура (ОФЦЕ) во студијата објавена денеска. Таа своите предвидувања ги потпира врз намалувањето на БДП за 32 отсто, што одговара на пет поени од БДП на Франција за 2020 година.

Речиси 60 отсто од намалувањето на националниот доход е апсорбиран од јавната администрација преку зголемување на дефицитот, додека 35 отсто е на сметка на деловните активности. Репризата на активностите ќе зависи многу од потрошувачката на Французите, односно дали тие ќе го потрошат она што го заштедија за време на мерките на ограничување.

Според ОФЦЕ, ограничувањата во траење од осум недели влијаат врз еволуцијата на дефицитот за 2,8 поени на БДП, или 65 милијарди евра, а доколку се потроши оваа заштеда, тоа би биле само 20 милијарди дефицит или 0,9 отсто од БДП. Во тој случај годишната загуба на активност би се намалила на 2 поени, наместо 5. Но, наспроти несигурноста за излезот од кризата, направената заштеда од домаќинствата за време на ограничувањата може да не биде потрошена наеднаш и целосно. Уште повеќе ако се знае дека на домаќинствата ќе им се намалат приходите за време на ограничувањата за 9 милијарди евра.

Француската Влада од своја страна предвидува дека БДП на Франција во текот на 2020 година ќе се намали за 8 отсто поради економскиот шок предизвикан од коронавирусот, ако ограничувањата траат осум недели. Истовремено, државниот дефицит ќе биде зголемен за 9 отсто од БДП за оваа година.