Товарен воз на линија Велес-Прилел удри во автомобил, возачот тешко повреден

Товарниот воз, кој сообраќа на линијата Велес – Прилеп, утрово во 06.40 часот на патниот премин кај влезот на поранешната фабрика за порцелан „Порцеланка“ кај  Велес, удрил во патничко возило „фолксваген голф“, со прилепски регистарски ознаки, управувано од 19 годишниот  А.Џ. од село Согле, од  Општина Чашка.

Возачот, кој и самиот бил пожарникар, од приклештеното возило бил го извадиле пожарникари од ТПП Велес, а по итната интервенцијата од екипа на Брзата помош му биле констатирани тешки телесни повреди на главата, и во свесна состојба бил пренесен во Ургентниот центар на ЈЗУ Општа болница во Велес.

Екипа на СВР Велес која прва стигнала на местото на несреќата направила увид на местото на настанот, информира портпаролот Верољуб Додевски. Станува збор, рече, за 19-годишен пожарникар од селото Согле кој со своето возило одел на работа во ТППЕ во Велес.

Портпаролот на ЈЗУ Општа болница Велес др. Весна Неделковска Николова изјави дека момчето било примено во Ургентниот центар.

-По прегледот направена му е компјутерска томографија и констатирани се тешки повреди на главата субарахноидално крвавење во главата, односно крвавење помеѓу мозочните обвивки. Поради сериозноста на повредите момчето во стабилна и свесна состојба итно било префрелно на понатамошно лекување на Клиниката за неврохирургија во Скопје, наведува Неделковска Николова.