Бугарскиот европарламентарец Андреј Ковачев, член на владејачката партија ГЕРБ, во интервју за Мкд.мк, не се согласува со оцената дека сепак, условите содржани во Изјавата на Бугарија се еднострани и спротивни на главните европски вредности.
– Не, сите одлуки во процесот на пристапување се донесуваат едногласно. Од одлуката за отворање на преговорите до решението за ратификација, клучна е позицијата на секоја земја-членка. Не мислам дека поддржувањето на историските лаги и манипулации од комунистичката ера од времето на Титова Југославија е дел од европските вредности. Одбележувањето на комунистичките празници не е европска вредност. Говорот на омраза насочен кон соседите не е европска вредност. Необјавувањето на комунистичките архиви и агентите на УДБА исто така не е европска вредност.
Манипулациите во историјата се елемент на тоталитарните идеологии. Во комунистичка Бугарија, бугарските комунисти го лажеа и го тероризираа народот. Истото се случуваше и во Титова Југославија. Европската заедница е основана врз принципите на заемно почитување и демократски вредности. Верувам дека е крајно време да се собереме да ги надминеме лагите.
На укажувањето дека Петр Стано, портпаролот на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел, кој вчера изјави дека овој бугарски документ нема никаква правна тежина, ниту пак на каков било начин ја менува одлуката на ЕУ да ги почне преговорите со Македонија… бугарскиот европарламентарец вели:
– Заклучоците се факт затоа што Бугарија ги поддржа. Без Бугарија немаше да има заклучоци. Бугарската позиција е јасна, јасно се напишани условите што мора да се исполнат за Бугарија да продолжи да ја поддржува Македонија во пристапниот процес (усвојувањето на рамката за преговори, решенијата за отворање и затворање на секое од 35-те поглавја на преговорите…), па сѐ до конечното ратификување на идниот договор за членство на Македонија во ЕУ од бугарскиот парламент. Не е случајно тоа што во заклучоците на Советот на Европа од 24 март се наведува дека добрососедските односи и исполнувањето на договорите со Бугарија и Грција се критериум за следење на текот на преговорите за членство.
Повод за интервјуто е изјавата на Бугарија со која се условува македонската евроинтеграција со брзо „решение“ за историјата од 19 и 20 век, со исфрлање на терминот „македонски јазик“ и воведување на „службен јазик на РСМ“.