Филипче за наесен наветсува нов бран на заболени со Ковид-19

Министерот вели дека забележуваат, иако тоа засега е во сферата на шпекулации, оти кривата на земјите каде БСЖ вакцината е задолжителна е поинаква од оние каде таа не е дел од вакциналниот картон

Од светската пандемија со ковид-19 сите земји научија како треба да го организираат нивниот здравствен систем за во наредниот период, а ние сме на добар пат за тоа, вели министерот Венко Филипче порачувајќи дека на есен веројатно ќе има нов бран на зарази.

„Ние практично го правиме планот, добар дел го направивме, како да ни бидат организирани капацитетите за следните месеци, посебно почетокот на есента кога ќе имаме, прилично сме сигурно, нов бран на заболени, и дополнително оптеретување со сезонскиот грип. Буквално сега се престројуваме, научивме сега како треба, имаме дополнителни капацитети на Инфективна, знаеме како да ја организираме болницата „8-ми Септември“ и паралелно на тоа да нема одлагање на овие хронични пациенти, кои сега се одложени. Секоја земја научи, сметам дека е добар системот на СЗО на размена на искуствата и сметам дека оној есенски предизвик кој ќе дојде многу подобро сите ќе го изменаџираат сите земји“, вели Филипче.

Дополнително, за подобро справување со новиот бран, вели министерот, ќе помогне и скенирањето на населението ќе се прави, користењето на мобилната апликација „Стоп корона“, соодветната организација на производствените капацитети итн.

Филипче, не сакаше да донесува заклучоци од досегашното искуство во земјава со справувањето со епидемијата бидејќи како што рече за да се изведуваат научни заклучоци е потребно време.

„Можеме само да претпоставуваме, посебно што една сериозна студија трае долго. Што се податоците што ги имаме сега за сега? Прво, сметам дека добро го амортизиравме бројот на пациенти, смртноста е тука негде во рамките на тоа како се движи во регионот, со бројот на тестови сме задоволни според тоа колку се направени на милион жители. Рано е да извлечеме целокупен заклучок, но приметуваме нешто, има на пример, разлика, но тоа е сè уште во сферата на шпекулација, а таа е што сите земји каде БСЖ вакцината е задолжителна има поинакви криви со оние од други земји каде оваа вакцина не е во нивниот вакцинален календар“, рече министерот по што уште еднаш потенцираше дека е рано за да се извлекуваат научни заклучоци.